Порто успеа да се пласира во осминафиналната фаза од Лигата на шампионите, по триумфот на домашен терен во ефикасен натпревар над Шахтјор Доњецк (5-3) и заврши на втората позиција во групата зад Барселона.

 

„Змејовите“ се изнадаваа голови во најважниот натпревар на сезоната и така ќе се најдат во вториот шешир на ждрепката која ќе се одржи на 18 декември во Нион. Резултатот на „Драгао“ го отвори Галено во 8. минута, а откако Сикан во 29. минута израмни на 1-1, следуваше втор погодок од Галено пред крајот на првиот дел за 2-1.

Се играше 62. минута кога Тареми донесе 3-1 за фаворитот, а потоа Естакио си даде автогол за 3-2, меѓутоа Пепе возврати и го подобри рекордот кога се говори за најстар стрелец во Лигата на шампионите. Последните два гола на мечот ги дадоа Консеисао за Порто и Егиналдо за Шахтјор.

 

Белгиски Антверпен на домашен терен направи изненадување и ја совлада Барселона со 3-2. Шпанскиот првак беше непрепознатлив и иако двапати се враќаше во натпреварот, не успеа да се спаси од пораз. Водството за белгискиот Антверпен го донесоа Вермерен и Јансен, Барселона на два пати изедначи преку Торес и Гују, а победоносниот гол за победа го даде тинејџерот Иленикена во 92. минута.