Јаго Аспас одигра како во најдобрите денови, а екипата на Селта побегна од опасната зона. Селта извојува голема победа над Лас Палмас со 4-1 (2-1) во натпреварот од 32. коло на Примера, правејќи мало бегство од опасната зона.
Лас Палмас имаше поголем посед на топка, на гостувањето во Виго, „канаринците“ ја имаа многу повеќе топката во своите нозе, дури поведоа во 11. минута преку Херцог, а потоа во два кратки интервали, еден во првиот и во вториот дел, примија дури четири гола.
Наместо предност на полувремето, Лас Палмас за две минути прими два гола. Најпрво израмни Јаго Аспас, а веднаш потоа Вилиот Сведберг мина низ одбраната и донесе пресврт.
Осоколена од играта во финишот од првото полувреме, Селта заигра уште подобро во продолжението и по двете пропуштени прилики на Белтран и Сведберг, на сцена стапија Јаго Аспас и Анастасиос Дувикаис. Најпрвин искусниот Шпанец му асистираше на Гркот за 3-1, а потоа улогите беа сменети. Беше јасно дека Селта забележа важна победа и избега од опасната зона. Оваа средба е уште еден доказ за слабоста на Лас Палмас, кој на последните осум натпревари во Примера освои само два бода.
Победникот на Купот на Кралот, Атлтик Билбао и Гранада играа нерешено1-1 во првиот натпревар во ова коло.