Екипата на Реал ја победи Барселона со 3-2 во последното овосезонско „Ел Класико“ на својот „Сантијаго Бернабеу“ и на тој начин практично ја обезбеди титулата првак на Шпанија.
Барселона двапати водеше во Мадрид, но на крајот Реал направи пресврт со голот на Џуд Белингем во 92. минута од натпреварот. Сепак, Каталонците се бесни на судиите, бидејќи сметаат дека се драстично оштетени. Посебно при ситуацијата во првото полувреме, кога Лунин интервенираше на гол-линијата. Во Примера нема гол технологија, а ВАР сметаше дека топката целосно не влегла во голот.
„Ова е срамота. Многу е разочарувачки што не можеа да најдат агол да ја проверат ситуацијата. Има многу пари во фудбалот и не разбирам зошто ја немаме технологијата што ја имаат другите лиги. Ова е срамота за фудбалскиот свет“, изјави голманот на Барса, Тер Штеген.
Барса со овој пораз речиси ги загуби сите шанси за одбрана на титулата, бидејќи моментално заостанува единаесет поени зад Реал.