Натпреварот почна со половина час задоцнување поради катастрофалните услови на стадионот Монументал де Матурин поради лошата состојба во која се наоѓаше теренот. Силните дождови придонесоа тој повеќе да личи на базен, отколку на фудбалски терен, но судиската тројка, сепак, дозволи да се игра и утврди дека постојат услови за тоа и покрај фактот што топката едвај се движеше, а фудбалерите не можеа да поврзат повеќе од 2-3 додавања.
Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони инсистираше мечот да бидат одложен за да се создадат услови за игра, Меси го бараше истото, но официјалните лица не ги послушаа. Натпреварот се одигра иако никој не виде задоволство од тоа, но на крајот репрезентацијата на Венецуела се радуваше на голем бод кој може да ја однесе на Светското првенство во 2026 или барем во баражот.
Аргентинците дојдоа до водство во 13. минута преку Отаменди по киксот на домашниот голман. Венецуела подоцна имаше неколку добри акции кои беа запрени поради лошите услови за игра, пред Рондон да израмни во 65. минута. Светскиот првак и натаму е прв на табелата со 19 бода, на средина од квалификациите за Мундијалот. Не може да се каже дека блеска во нив затоа што на девет меча постигна само 13 гола, но и со нив е најефикасен во јужноамериканските квалификации.