Екипата на Далас Маверикс со 30 поени разлика го победи Клиперс во Лос Анџелес, беше 123-93 за тимот од Тексас, а главен на теренот беше Лука Дончиќ, Бостон дојде до уште еден убедлив триумф над Мајами и се пласира во полуфиналето на истокот.
Далас ја врати предноста која ја загуби на претходниот дуел, а Дончиќ и соиграчите не само што победија, туку му оддржаа лекција на противникот. Пол Џорџ и Џејмс Харден беа далеку од нивото на претходниот меч.
Дончиќ беше убедливо најдобриот на теренот, постигна 35 поени, имаше и 10 асистенции, Клебер постигна 15 поени. Во екипата на Клиперс Пол Џорџ и Зубац постигнаа по 15 кошеви.
Дончиќ подолго време се мачи со повреда на десното колено, а на овој меч играше и болен, но и покрај тоа доминираше на паркетот.
„Голем меч. Сега мора да добиеме еден од следните два натпревари. Мора да играме на ист начин. Болеста ми ја отежна работата, коленото не ми е баш добро, но адреналинот е тука кога играш во плеј-оф. Кога ќе почне мечот, сакаш само да победиш“, рече Дончиќ по мечот.
Бостон со 118-84 го совлада Мајами и ја доби серијата со 4-1. Селтикс немаа проблем против противникот кој се мачи со повреди во своите редови.
Браун и Вајт постигнаа по 25 поени за Бостон, најдобар во составот на Мајами беше Адебајо со 23 поени.
Резултати:
Бостон – Мајами 118-84 (4-1)
ЛА Клиперс – Далас 93-123 (2-3)