Екипата на Порто имаше лоша сезона откако не успеа да се пласира во Лигата на шампионите, а во опасност е да го загуби и третото место на табелата кое води кон директен пласман во Лигата на Европа. Трофејниот тим синоќа во последните секунди стигна до победа против Боависта откако губеше со 0:1 на 10-тина минути до крајот.

Херој на Порто беше Иранецот Мехди Тареми, голгетерот кој погоди со глава во 90+8 минута за голема радост на домашните фанови. За Тареми ова беше многу емотивен момент затоа што иранскиот репрезентативец го одигра последниот меч во дресот на Порто на домашниот стадион „Драгао“.

 

На Тареми му завршува договорот со Порто и како слободен играч во летниот период ќе замине во Интер и ќе биде дел од италијанскиот првак. Токму затоа Тареми не можеше да ги контролира емоциите и веднаш по завршувањето на средбата почна да плаче. Во овие четири години поминати како играч на Порто, Тареми одигра 180 меча и постигна 90 погодоци, што значи дека погодува по еднаш на секои два натпревари.