Најтрофејниот македонски клуб Вардар и следната сезона ќе биде дел од елитата. Вардарци го добија бараж дуелот против Детонит Плачковица за пополнување на Првата фудбалска лига. „Црвено-црните“ победија со 2-0 во дуелот на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица. Со тоа мисијата на тренерот Горазд Михајлов и на фудбалерите на Вардар за оваа сезона е комплетирана.
Тимот имаше огромна поддршка од преку 3.000 „Комити“ кои пристигнаа во Струмица да го бодрат својот сакан тим.
Вардарци беа поквалитетен ривал на денешната пресметка. Детонит Плачковица покажа желба, меѓутоа, сепак, немаше доволно сила и квалитет да се наметне во битката со составот на Вардар.
Првиот гол дојде во 42.минута, а то постигна дефнзивецот Дејан Ѓуриќ. Тој одлично реагираше на одбиената топка во шеснаесетникот и со удар од непосредна близина го совлада Димитар Ѓорѓиев.
Само три минути подоцна, во 45.минута, Лука Сушњара изведе фантастичен потег по десната страна, шутираше откосо и ја закова топката под гредата.
Вардарци откако обезбедија водство од 2-0, го смирија интензитетот во вториот дел, а Детонит Плачковица сепак не успеа да се закани. Иван Настевски имаше обид од 20 метри, но не беше прецизен, а потоа и Тони Мичковски не реагираше најдобро во шеснаесетникот на скопскиот тим.
Вардар и следната сезона ќе биде прволигаш, а со овој бараж дуел и дефинитивно заврши сезоната 2023/24 во македонскиот фудбалски шампионат.