Олимпијакос е првиот грчки тим со трофеј во европските купови откако на домашен терен, во Атина, ја совлада Фиорентина со 1-0 за триумф во третото издание од Конференциската лига.

Олимпијакос испиша нова историја на грчкиот фудбал освојувајќи го првиот европски трофеј. „Црвено-белите“ од Пиреја успеаја да слават во финалето против Фиорентина, а стрелец на победничкиот гол беше Ел Кааби во 116.минута.

 

Тој со удар со глава ја затресе мрежата на италијанскиот тим, а потоа следуваше неколкуминутна драма при проверката на можен офсајд од ВАР – системот.

На трибините настана делириум кога стигна одлуката дека голот на Ел Кааби е регуларен.

Двата тима беа премногу внимателни да ја сочуваат својата мрежа, но кога се чинеше дека пеналите се навистина блиску, еден центаршут од левата страна дојде до Ал Каби и овој го искористи првиот добар потег на мечот за да постигне гол.

Погодокот беше две минути проверуван од ВАР поради можен офсајд, но на крајот беше утврдено дека нема недозволена позиција, по што започна големото славје во Атина.

Голема заслуга за овој успех мора да му се препише и на искусниот Хосе Луис Мендилибар, човекот кој ја донесе првата европска титула за Олимпијакос откако лани ја освои и титулата во Лига Европа со Севилја.

За Фиорентина е ова втор последовен пораз во европско финале. „Виолетовите“ минатата година беа поразени од Вест Хем со 2-1 во финалето на Конференциската лига, а голот исто така беше постигнат во последните моменти, во 90.минута од Џерод Боувен.