Македонската ракометна репрезентација идната година ќе настапи на Светското првенство (СП), а на ждрепката во Загреб се одлучи да игра во Хрватска, односно во Вараждин.
Тоа е добра вест за македонската фаланга, која ќе изврши инвазија врз Хрватска и ќе им даде голема поддршка на репрезентативците во битката за подобар пласман на Мундијалот.
Хрватите претходно ја извисија Македонија, односно не ја избраа во една од групите кои се играат во земјата домаќин, но за среќа ждрепката нè посака и нè смести во Вараждин, каде што се очекуваат голем број македонски навивачи.
Првиот натпревар на македонските ракометари е закажан против Унгарија на 15 јануари, додека два дена подоцна играат против Холандија, додека последната средба во првата фаза се игра на 19 јануари против Гвинеја.
Најдобрите три екипи од групата ќе се пласираат во втората фаза од ракометниот Мундијал.
Во случај избраниците на селекторот Кирил Лазаров да успеат да пројдат во следната фаза, нашата репрезентација ќе остане да игра во Вараждин.