Реал Мадрид не блескаше, но по 15. пат во историјата, шести во последната деценија, е освојувач на титулата во Лигата на шампионите.

Во финалето на Вембли, „кралскиот клуб“ ја совлада Борусија Дортмунд со 2-0 и уште еднаш ја потврди својата доминација во европскиот фудбал. Германскиот тим беше рамноправен, долго време и подобар противник, но до израз дојде големото искуство, како и шампионскиот менталитет кај фудбалерите на Реал кои и по повеќе од четири децении остануваат непоразени во финале од Лигата на шампионите.

Борусија одигра одлично прво полувреме, имаше неколку шанси да го совлада Куртоа, но трагичар беше Карим Адејеми кој три пати пропушти да го донесе својот тим во водство. Напаѓачот Фулкруг ја погоди и стативата. Реал го немаше никаде околу еден час, а потоа за десетина минути ја потопи Борусија.

 

Од 60. минута тимот на Карло Анчелоти почна да меле, се редеа акциите пред голот на Борусија, првата ја имаше Карвахал, втората Белингам, а третата веќе значеше предност за Реал. Очигледно вежбана акција на тренинзите, центаршут од корнер на првата статива, а таму Карвахал со глава го совлада одличниот голман на Борусија, Кобел. Голот целосно ја смени ситуацијата на теренот, „милионерите“ се загубија, а играчите на Реал почнаа да везат на теренот. Крајот го означи Винисиус Јуниор кој ја искористи грешката на Матсен и асистенцијата на Белингам за конечни 2-0. Борусија подоцна постигна гол преку Фулкруг, но тој беше поништен од ВАР поради офсајд.

 

За Реал ова е 15. титула во 18. финале од Лигата на шампионите заедно со поранешниот Куп на европски шампиони. Последниот пораз во меч за трофејот го претрпе во 1981 година од Ливерпул. Борусија го одигра третото финале и го доживеа вториот пораз, исто како и пред 11 години – на Вембли.