Ракометарите на Барселона ја оправдаа фаворитската улога и со убедлива победа од 30:18 го победија Кил и се пласираа во финалето од Лигата на шампионите.
Победата, Барселона ја најави уште од самиот старт кога поведе со 3:0, Нилсен на голот беше расположен, а во нападот ги користеа приликите. По таквиот почеток Кил успеа да се консолидира и израмни на 4:4, па и поведе од 6:5.
Но, тука започна „црната серија“ и не постигнаа гол цели десет минути, додека Барселона погодуваше скоро се, а Нилсен одново беше одличен. По долгиот период без гол Билик беше стрелец, меѓутоа Барса до крајот на првиот дел зголеми на 15:9.
Во второто полувреме каталонскиот гигант не дозволи изненадување и прашање беше само со колкава разлика ќе слави Барселона. Натпреварот Нилсен го заврши со 15 одбрани, додека Ричардсон постигна пет гола.