Македонскиот шампион Струга даде голем отпор против словачкиот Слован Братислава, но на крајот загуби со 2-4 во првиот меч од квалификациите за Лигата на шампиони.

Струга се прикажа во извонредно светло на гостувањето во Братислава, па иако му направи огромни проблеми на фаворитот, македонскиот првак на крајот се враќа дома со пораз од два гола негатива.

 

 

Слован постигна гол за водство преку Владимир Вајс во 16. минута од средбата, а само 20 минути подоцна погоди и Роберт Мак за зголемување на предноста на домаќините.

Бесарт Ибраими беше стрелец на два гола за македонскиот шампион, и тоа во 55. и 74. минута со кои го изедначи резултатот и ја врати Струга во игра и за победа.

Вториот гол на Ибраими го разбуди домаќинот, кој тргна по победата, а на сцена настапи ветеранот Јурај Куцка кој со два гола со глава после корнер ги расплака стружани.

Реваншот меѓу Струга и Слован се игра за седум дена во Македонија.