Македонската репрезентација за ракометари до 20 години одигра извонредно второ полувреме, и се врати по огромни минус седум, и дојде до бод во дуелот со фаворитот Хрватска (24-24) во вториот дуел на младинското ЕП во Целје (Словенија).
Македонија имаше иницијатива во првите 15-тина минути и водство со два гола во неколку наврати, но во финишот од првиот дел одеднаш паднаа. „Коцкестите“ тоа максимално го искористија и со серија 8-1 дојдоа до огромни плус седум (18-11) во првите минути од второто полувреме. Тоа како да ги разбуди избраниците на селекторот Раде Стојановиќ, кои потоа уфрлија во „петта брзина“ и набрзо вратија со уште поголема серија 9-1 и со период од 11 минути без примен гол со што направија целосен резултатски пресврт (20-19).
До крајот на средбата се играше гол за гол, со мала иницијатива на Хрватите, но македонските ракометари го имаа последниот напад при изедначен резултат (24-24), за кој им останаа шест секунди, кои, за жал, беа премалку за да се направи нешто посериозно. И покрај тоа, ова е голем бод за жолто-црвените со кој остануваат во игра за пласман во четврт-финалето на ЕП, каде што ќе се најдат првопласираните во шесте групи, како и двете најдобри селекции од тие што ќе завршат на вторите позиции. Шансите, секако, ни ги зголемува фактот што вчера со двоцифрена разлика ја совладавме Црна Гора (31-21).
Со по шест гола најефикасни беа Димитар Узунчев и Славчо Шулески, а исто толку дадоа Бајан и Франковиќ кај Хрватите. Што се однесува до голманите, Галевски собра седум интервенции, а Брестовац четири. На спротивната страна хрватскиот голман Тин Херцег фати дури 17 топки.
Сите дилеми околу крајниот пласман во групата ќе бидат решени задутре, кога ќе го одиграме последниот меч од оваа фаза против селекцијата на Австрија.