Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа се пласира во полуфинале на силниот фјучерс во Рим (Италија) на земјена подлога за награден фонд од 60.000 долари.
Во денешното четвртфинале Ѓорческа имаше силен и искусен противник и тоа некогашната 19. тенисерка на светот Варвара Лепченко, која има настапувано на сите грен слем турнири и пласирана во 3 и 4 рунда.
Меѓутоа Лина покажа квалитет, знаење и по два ипол часа игра и голема борба успеа да ја совлада ветеранката со 2-1 во сетови.
Тетовчанката го доби првиот сет со 6-4, Лепченко (4 носителка на турнирот)) возврати со 7-5 во вториот, а во завршниот видовме многу брејкови на двете страни со тоа што мора да се каже дека Варвара водеше со 5-3 и сервираше за победа.
Потоа на сцена стапи Македонката која ги освои четирите наредни гејма за 7-5 и пласман во наредната фаза во која ќе игра со Петра Марчинко (Хрватска) или Гиомар Маристан Зулета Де Реалес (Шпанија).