Легендата на Шпанија, поранешниот голман на Реал Мадрид и шпанската репрезентација Икер Касиљас го прогласи Ламин Јамал за најдобар играч на Европското првенство и тоа на денот кога младиот фудбалер на Барселона наполни 17 години.
Јамал е најголемо освежување во европскиот фудбал, блесна на континенталниот шампионат и иако е исклучително млад, стана стандарден првотимец без кого не може да се заммисли финалистот на првенството.
„Јамал е празник за очи. Сите ние кои сме биле фудбалери малку му завидуваме на неговиот придонес и учеството во играта. Јамал е многу добро подготвен, на теренот делува елегантно и веќе има фудбалско знаење што воопшто не е лесно и тоа го прави најдобар играч“, вели Касиљас.
Јамал во моментов е прв кандидат за признанието за најдобар играч на Европското првенство и многу веројатно ќе ја добие наградата ако Шпанија стане првак. Во таков случај ќе стане и најмлад фудбалер во историјата кој добил вакво признание на големите натпреварувања.