Карлос Алкараз втора година по ред е победник на Вимблдон, откако во денешната реприза на ланското финале неочекувано лесно го совлада Новак Ѓоковиќ (6-2, 6-2, 7-6).
Србинот беше само бледа сенка на тенисерот кој според многумина е најдобар во светот на сите времиња, што најмногу се однесуваше за првите два сета. Шпанецот и во двата почнуваше со брејк, а потоа успеваше и по вторпат да му го одземе сервисот на српскиот тенисер за експресни 2-0 по само нешто повеќе од еден час игра. Најголема борба беше видена во третиот сет и тоа поради делумното будење на популарниот Ноле во финишот, кога во десеттиот гем спаси три меч топки и го одведе дуелот до тај-брејк во кој далеку помладиот ривал покажа повеќе и ја доби пресметката со големиот тениски ас.
Младиот шпански ас сосема заслужено го освојува вториот Вимблдон во низа, покажувајќи дека поседува неверојатен талент и огромен потенцијал за во иднина. Ова беше реприза на минатогодишното финале, кога Ѓоковиќ исто така потклекна пред Алкараз.
Алкараз со ова стана деветти тенисер во историјата на Вимблдон кој ја одбранил титулата, а воедно е и четврти тенисер со четири гренслем-титули до 21-годишна возраст.