Кошаркарската репрезентација на Македонија до 18 години со перфектен учинок ја заврши групната фаза на Европското првенство Б-дивизија кое се игра во Скопје. Денес триумфираше во петтиот дуел со Украина (83-72) и е лидер пред Ирска, Чешка, Украина, БиХ и Кипар.
За нашиот национален тим овој дуел немаше резултатско значење затоа што првото место беше загарантирано, но сепак, избраниците на Андреевски беа убедливо подобри од ривалот и со пет победи на пет меча ја завршија групата на прво место.
Уште од почетокот Македонија наметна свое темпо и имаше постојано водство. Веќе во вториот квартал, во кој поистигнавме 26, а примивме само 11 поени, се отидовме на +22 (49-27) кои беа највисоки на натпреварот. Во продолжението следеше мало опуштање, а иако Украина се врати на девет негатива, не можеше да стори ништо повеќе од тоа.
Најдобар стрелец на мечот беше извонредниот плејмејкер и диригент на Македонија, Никола Јаничиќ со 21 поен, пред Коста Ќириловски со 20 поени, додека Луканоски и Стојковиќ завршија со 12 и 11 поени. Кај Украина, Сушкин имаше 20 поени, пред Корол со 12 поени.
Следен предизвик за нашите јуниори ќе биде четвртфиналниот дуел против Португалија. Мечот на ЕП Б-дивизија во Скопје се игра во петок во СРЦ „Кале“ од 21:00 часот.