Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Американецот Бил Расел, почина на 88-годишна возраст, објави неговото семејство на социјалните мрежи.
На 88-годишна возраст денеска почина Бил Расел, најтрофејниот победник во историјата на американскиот спорт, а покрај него беше сопругата Жанин, соопшти семејството на еден од најголемите кошаркари во историјата.
https://twitter.com/RealBillRussell/status/1553790050839588865?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1553790050839588865%7Ctwgr%5Ec9491eb91beb7b110c3e7cc9764f3f37a769ea56%7Ctwcon%5Es1_c10&ref_url=https%3A%2F%2Fwww.b92.net%2Fsport%2Fnba%2Fvesti.php%3Fyyyy%3D2022mm%3D07dd%3D31nav_id%3D2192243
Расел освои единаесет титули со Бостон Селтикс, од кои две како играч-тренер (1968, 1969) и се запиша во историјата како прв црнец тренер во НБА.
Пет пати беше избран за најкорисен играч во лигата, а 12 пати беше учесник на Ол-стар натпреварот.
Тој освои златен олимписки медал во 1956 година и беше двократен шампион на NCAA шампионат со Универзитетот во Сан Франциско.
Пред ерата на Мајкл Џордан, Расел важеше за најдобар кошаркар во историјата.
По објавувањето на неговата смрт, НБА му оддаде почит на „најголемиот шампион во сите тимски спортови“.
„Бил се залагаше за нешто многу поголемо во спортот, вредностите на еднаквост, почит и вклучување кои ги запиша во ДНК на нашата лига“, рече претседателот на НБА, Адам Силвер во изјавата.
„На врвот на својата атлетска кариера, Бил беше силен поборник за граѓански права и социјална правда, наследство што им го пренесе на генерациите НБА играчи кои тргнаа по неговите стапки“, додаде Силвер.
Тој беше примен во Куќата на славните на НБА во 1975 година. Американскиот претседател Барак Обама му го врачи Претседателскиот медал на слободата во 2011 година, а пет години подоцна НБА му додели награда за животно дело.
Најпознат по своите одбранбени квалитети, висок 2,08 метри, со распон на рацете од 2,24 метри, Расел ја помина целата своја НБА кариера, од 1956 до 1969 година, во зелениот дрес на Бостон Селтикс.
Кариерата ја заврши со 21.620 скока, во просек 22,5 по натпревар. На еден меч имаше дури 51 скок. Постигнуваше во просек по 15,1 кош со 4,3 асистенции по натпревар.