Репрезентацијата на Шпанија покажува дека игра врвен фудбал, дури и без мега-ѕвездите од минатото. По европската титула на ЕП 2024 во Германија како и младинскиот трофеј, до голем резултат дојде и олимписката репрезентација на „фуријата“ која успеа со пресврт да го совлада Мароко (2-1) во рамки на полуфиналето и така има медал на ЛОИ, а ќе игра и за златото.
Мароканците беа одлични и хит на овој турнир, но на нивниот пат им застанаа шпанците во полуфиналето. Шпанија покажа карактер, селекторот Дениа ги погоди измените и така европската селекција дојде до посакуваниот резултат и победата. Дополнително, се добива на тежина затоа што Шпанците победија со пресврт.
Во 36. минута од дуелот за Мароко беше досуден пенал по прегледување на ВАР, а истиот во гол го претвори Рахими кој го даде шестиот гол на ЛОИ и бурно прослави. Не ѝ одеше баш најдобро на Шпанија во првиот дел, па на пауза замина со негатива. Веднаш следеше реакција на Дениа, кој во 61. минута направи тројна измена и тоа му донесе голем резултат.
Во тек беше 66. минута на стадионот „Велодром“, кога Фермин Лопез поедна соло акција со извонреден удар постигна гол и успеа да израмни на 1-1. Во два наврати, од 70. до 77. минута Мароко имаше одлични шанси да го врати водството, но Хакими и Бен Сехир беа непрецизни. Казната за тоа дојде во 85. минута кога Фермин Лопез асистираше до нововлезениот Хуанлу Санчез, а тој по земја стрелаше прецизно во спротивниот агол на мароканците за голема радост на „ шпанската фурија“.
Во финишот Мароканците тргнаа на се или ништо, но не успеаја да израмнат. Најдобрата шанса ја имаше Амир Ричардсон во 93. минута, но ударот на топката со глава помина над пречката од голот на Арнау Тенас.
Во финалето на Летните Олимписки Игри, Шпанија ќе игра со Франција или Египет.