Македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски, денес и официјално е претставен како нов фудбалер на шпанскиот тим Жирона, каде што направи трансфер летово од шкотски Абердин за отштета во износ од девет милиони евра.
Напаѓачот беше промовиран од претседателот на клубот, Делфи Гели и спортскиот директор Кике Карасел, кои потенцираа дека во Македонецот нашле идеална замена за досегашниот прв стрелец, Артим Довбик, кој замина во Рома.
„Миовски е тип на фудбалер кој идеално ќе се снајде во нашиот систем на игра. Пресреќни сме што го потпишавме. Роден стрелец е и од него очекуваме голема помош оваа сезона“, изјави Гели.
Миовски веднаш потоа ги искажа првите впечатоци од новата средина.
„За мене ова не беше тешка одлука да потпишам за Жирона. Цел живот напорно тренирав за една ваква шанса, за можност да играм во Лигата на шампионите. Заслужив да се најдам во ваква ситуација, да играм во квалитетна лига опкружен со квалитетни соиграчи. Во Шкотска се играше повеќе на физикалии, додека туку повеќе ќе се обрнува внимание на тактиката, што ми одговара. Едвај чекам да го почнеме настапот во ЛШ“, изјави македонскиот фудбалер.
Репрезентативецот потенцира дека не чувствува притисок како наследник на фантастичниот Довбик, кој минатата сезона беше еден од најдобрите стрелци во Ла Лига.
„Не се плашам што доаѓам на негово место. Јас сум различен тип на напаѓач, но и покрај тоа ќе сторам се за да постигнам што е можно повеќе голови. Тоа е филозофијата што сакам да ја следам“, заврши Миовски.