Македонскиот кик-боксер Силвио Мировски го освои златниот медал на Светското првенство за кадети и јуниори, кое викендов се одржува во Будимпешта.
Нашиот боксер во денешното финале го совлада Иван Бородатји од Украина со 2:1 и така се закити со златен медал и го оствари најголемиот успех во досегашната кариера.
Мировски настапуваше во категоријата постари јуниори со тежина до 71 килограм, а до златниот медал дојде откако претходно оствари уште две победи во претходните нокаут фази.
Вчера, златен медал освои и Марија Димовска и тоа во категоријата до 60 килограми, додека Лука Змејковски се враќа од Будимпешта со сребрен медал.
На СП во Будимпешта учествуваат над 2000 спортисти од 68 земји во светот.