Бетис од Севиља, во првиот натпревар од петтото коло во шпанскиот фудбалски шампионат, го совлада тимот на Леганес со 2-0.
Гостите долго време одлично се држеа на стадионот „Бенито Виљамарин“, но поранешните фудбалери на Барселона, мароканецот Абде Езалзули и бразилецот Витор Роке во финишот на мечот го скршија отпорот на Леганес кој е повратник во шпанската елита.
Бедемот на гостите попушти дури во 74. минута, кога капитенот на домашните, Хектор Белерин проби по десната страна и проигра до Абде Езалзули, тој влезе во казнениот простор и ја погоди мрежата на Леганес.
Вториот гол за домашниот тим го постигна Витор Роке, најголемото засилување на „зелено-белите“ летово, кој пристигна од Барселона. Абде шутираше, а по интервенцијата на гостинскиот голман Хуан Сориано, топката се одби право во ногата на Роке и Бразилецот ги постави конечните 2-0.
Така, Леганес се враќа дома без бодови, додека Бетис ја забележа првата овосезонска победа во Примера.