ИМ Тони Лазов, актуелниот државен првак на Македонија во шах и член на Алкалоид, го постигна најголемиот успех во кариерата. На шаховската Олимпијада, во Будимпешта, освои сребрен медал за својот индивидуален настап на втората табла, со одличен рејтинг-перформанс (2763).
Лазов игра во одлична форма последниве две години, при што претходната година на Европското екипно првенство освои велемајсторска норма, која и овојпат му беше на дофат. Со освоени извонредни 7,5 бода од 8 партии (со седум победи, од кои две извојувани на првата табла, и само со едно реми), тој се етаблираше како иден лидер на националната селекција. Воедно, на својот актуелен рејтинг од 2360 поени тој сега ќе додаде нови 33 освоени на Олимпијадата.
Лазов почна со уверливи победи против послабо рангираните селекции, во четвртото коло тој ремизираше со холандскиот велемајстор Јорден ван Форест (2696 рејтинг, 35-ти во светот), а за да влезе во игра за медал, пресудни беа победите над ВМ Јаник Пелетие (2526) од Швајцарија и над ВМ Каспер Пиорун (2599) од Полска.
Лазов беше единствениот член на ШК Алкалоид во составот на машката репрезентација на Македонија на оваа 45. Шаховска Олимпијада во Будимпешта. Тимот го стартуваше турнирот како 62. рангирана екипа, а во конечниот пласман заврши на 61. место од 188 екипи кои настапија. Репрезентативците имаа шест победи и пет порази и освоија 12 бода, еден повеќе од женската екипа.
Женската репрезентација беше рангирана на 57. место, а заврши на 77. позиција од 169 екипи славејќи четири пати. Три средби завршија со поделба на поенот, а дамите доживеаја четири порази.