Македонскиот кардиолог и пасиониран алпинист, доктор Сашко Кедев, денеска имаше уште едно историско искачување, откако заедно со уште десетмина колеги го освои врвот Шишапангма на Хималаите, кој е висок 8.027 метри и целосно се наоѓа во Тибет.
Станува збор за 14-иот највисок врв на светот, па на докторот му остануваат само уште два повисоки од 8.000 метри за да ги искачи сите врвови над оваа магична граница.
Кедев годинава ги искачи уште и Макалу, Лоце и Гашербрум 2, па му остануваат само уште Кангченѕунга (8.586 метри) и Гашербрум 1 (8.068) за да го комплетира подвигот за кој сонуваат илјадници светски планинари.