Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски остана закован на клупа, а неговата Валенсија остана во зоната за испаѓање. Некогашниот шпански гигант и шампион на оваа земја Валенсија продолжува со лошите резултати во домашното првенство.
Тимот од Местаља гостуваше во Мадрид кај Леганес и одигра без голови со што не успеа да го поправи својот пласман на табелата. Натпреварот беше исклучително здодевен, без многу шанси и со само еден директен удар кон голот, упатен од гостинските фудбалери, па и најреален резултат беше реми.
Валенсија по девет кола има само шест бода, но се уште е во зоната за испаѓање со можност, ако Лас Палмас и Ваљадолид утре победат, да падне на последната позиција на табелата. Димитриевски и овој натпревар го проследи од клупата за резервни играчи.