Последните два шампиона во НБА, Бостон Селтикс и Денвер Нагетс денеска ја почнаа претсезоната со меѓусебен дуел во Абу Даби.
Славеше актуелниот првак Бостон со 107-103, но само поради одлуката на Мајк Мелоун да го одмора Никола Јокиќ цело второ полувреме. Додека Србинот беше на паркетот, Денвер беше во водство и на пауза замина со 63-56, но во продолжение остана на клупата и Селтикс го искористија тоа за да дојдат до пресврт, со тоа и до триумф на овој меч.
Додека играше, Јокиќ беше убедливо најдобар поединец на натпреварот, со постигнати 14 поени, 8 скока и 2 асистенции. Денвер некако се одржуваше во предност или во егал до средината на последната четвртина, а потоа Бостон постигна неколку поени во низа, направи +7 и мирно го приведе мечот кон крајот.
Вечерва, односно изутрина со подготвителни натпревари почнуваат и другите екипи од НБА, а прв меч на програмата е оној меѓу Лејкерс и Минесота.