Димитриевски најдобриот македонски голман во последната деценија, летово го замени дресот на Рајо Ваљекано со тој на Валенсија, каде што се уште нема добиено шанса да застане на гол-линијата.

Планот да биде замена за Мармадашвили пропадна, бидејќи Грузиецот и покрај тоа што потпиша за Ливерпул, сепак, остана уште една сезона на „Месталја“. Димитриевски во интервју за „Марка“ се осврна на тешката ситуација како резервен голман во која не бил долг период.

„Десет години по ред сум прв голман и затоа ситуацијата во Валенсија ми е тешка за да ја прифатам. Сега се наоѓам во положба да му помогнам на тимот на поинаков начин, бидејќи има многу млади играчи во соблекувалната. Целта е сите заедно да излеземе од кризата и да ги оствариме најдобрите резултати. Во фудбалот се случуваат многу чудни работи, ми се случиле и мене во минатото. Мамардашвили остана, но јас сум во клубот во кој сакав да бидам, сега напорно работам и ја чекам мојата шанса. Се надевам дека тренерот ќе може да ми даде шанса и дека ќе стигнеме до победи и избегнување на опасната зона“, изјави Димитриевски.

Македонецот во продолжение се осврна и на репрезентацијата со која неделава ќе настапи во Лигата на нации и за својот сон да настапи на еден Мундијал во жолто-црвениот дрес.

„Отсекогаш ми бил сон да бидам дел од Светско првенство со Македонија. Бевме блиску до такво нешто на СП во Катар, кога игравме во баражот во кој прво ја елиминиравме Италија, но потоа загубивме од Португалија. Патот кон нешто вакво е тежок, но ние сме подготвени да одиме чекор по чекор“, дополни чуварот на мрежата.

Македонската селекција в четврток ќе ги одмери силите против Летонија, а три дена подоцна и против Ерменија, двете средби на гостински терен.