Освојувачот на ЕХФ Купот за минатата сезона имаше солиден старт и водство од 2-0, но потоа Вардар ги презеде работите во свои раце и почна да го полни голот на гостите од Исланд. Предноста на „црвено-црните“ до крајот на првите 30 минути достигна плус осум (19-11).

Вардар го одржуваше водството и во вториот дел, додека Валур во последните 10 минути намали на пет голови негатива (21-26), меѓутоа „црвено-црните“ не му дозволија на гостинот дополнително да ја намали разликата и триумфираа со 33-26.

Најдобри во редовите на скопскиот гигант беа Вуко Борозан и Марко Срдановиќ со по шест голови, додека голманот Мигуел Еспиња Фереира оствари 15 одбрани. На спротивната страна Магнус Оли Магнусон постигна четири голови, додека Бјоргвин Пол Густавсон запиша 18 интервенции.

Во вториот меч од групата Ф, Мелсунген славеше против Порто со 29-24, па така Вардар и бундеслигашот имаат по два освоени бода по првото коло.

Вардар во следното коло од елитното натпреварување ќе игра против Мелсунген на 15 октомври од 18.45 часот во Германија.