Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го декласира Роман Сафиулин со 2-0 во сетови, 6-3 и 6-2 за само 74 минути во осминафиналето на мастерс-турнирот во Шангај.

Русинот добро се бореше во првиот сет и го нападна сервисот на Ѓоковиќ во петтиот гем, при што пропушти две брејк топки. Ударот го возврати Србинот кој направи брејк во осмиот гем и потоа сервираше за 6-3.

Сафиулин се распадна во вториот сет, каде што не можеше да му парира на расположениот српски тенисер, кој направи брејк во првиот и петтиот гем за да на крајот го добие сетот со 6-2.

Ѓоковиќ во четвртфинале ќе се судри со Јакуб Менсик од Чешка, кој претходно беше подобар од Бугаринот Григор Димитров со 2-1 во сетови.