Андрес Иниеста попладнево го соопшти она што се пишуваше со денови, Шпанецот стави крај на својата богата кариера.
На средбата со новинарите, неизбежно беше прашањето за големата неправда што му се случи, односно тоа што никогаш не ја доби „Златната топка“.
Дури и главниот уредник на Франс Фудбал пред неколку години јавно му се извини на Андрес Иниеста што не му ја доделија оваа престижна индивидуална награда.
Легендата на Барселона најблиску беше во 2010, кога беше стрелец во финалето на Светското првенство и на Шпанија и ја донесе титулата.
Таа година, наградата заврши во рацете на Лео Меси, а Иниеста заврши како втор во изборот, додека Чави беше трет.
„За мене најважна е љубовта и почитта на навивачите. Да, „Златната топка“ е убава награда, но мене поголемо задоволство ми носи тоа што си го исполнив сонот да станам фудбалер, и што ги освоив симпатиите на навивачите, им донесов радост со големо залагање и пожртвуваност“ – вели Андрес Иниеста.
„Сликата од мене, Лео Меси и Чави, на подиумот кога се доделуваше „Златната топка“, е најголемата награда од тој ден, од тој момент“.
„Тројца момци од Ла Масиа… ова е поголемо и поважно од тоа кој го доби признанието“.