Брегот на Слоновата Коска славеше над Конго ДР со 1-0 (0-0) во второто полуфинале од Африканското првенство на нации. Селекцијата на земјата-домаќин имаше многу повеќе од играта и заслужено ќе се бори за третата титула од континенталните собири во финалето против Нигерија.

 

 

БСК уште од стартот тргна во офанзива, фуриозно и моќно уште во првите 45 минути, но не успеа да постигне гол. Возбудливи беа последните моменти пред паузата, кога најпрво Себастија Але имаше прекрасна шанса, а веднаш потоа Франк Кеси замалку не ја скрши конструкцијата од голот со силен удар но сепак топката отиде над голот.

Второто полувреме донесе уште поголема иницијатива на домаќините, и тргнаат уште посилно со нападите кон противничкиот гол. Конго оставаше многу простор на средината од теренот што донесе серија добри шанси. Повторно Кеси имаше солидна прилика во 54. минута, но резултатот беше отворен десетина минути подоцна. Себастијан Але зафати една нафрлена топка, која потоа се одби од земјата и на чудесен начин го лобуваше гостинскиот голман.

Домашните навивачи еруптираа, кога нивните миленици дојдоа во водство со 1-0. БСК имаше повеќе шанси и полека ја контролираше играта и натпреварот. Конгоанците се обидоа на двапати со брзи контри, но не успеаја да постигнат гол. Конечниот резултат остана 1-0 и БСК сосема заслужено патува во финалето, каде противник ќе им биде репрезентацијата на Нигерија.

Натпреварот кој ќе го даде името на новиот африкански шампион ќе се одигра на единаесетти февруари, со почеток во 21:00 часот по македонско време.