Репрезентацијата на Нигерија дојде до победа по подобро изведување пенали (1-1, 4-2) над Јужна Африка во првото полуфинале од Африканското првенство на нации. Со тоа Нигерија обезбеди настап во големото финале, каде ќе се бори за четвртиот трофеј од континенталното натпреварување против домаќинот Брегот на слонова коска.

 

Во вториот дел во еден напад соборен беше Осимен, а судијата досуди најстрога казна, па Нигеријците дојдоа во водство преку Вилијам Трост-Еконг, кој реализираше во 67. минута од пенал.

Јужна Африка тргна во офанзива, имаше две шанси и делуваше дека не е ривал за потценување. Првата ѕвезда на Нигерија, Виктор Осимен, постигна втор гол за својата селекција во последните минути, но истиот беше поништен поради претходен фаул на спротивната страна. Сите помислија дека мечот ќе заврши со 1-0, но после ВАР, судијата досуди пенал за Јужна Африка, кој го реализира Тебо Мокоена во 88. минута, по што се играа дополнителни триесет минути.

Продолженијата беа со внимателна игра на двете страни, иако Нигерија имаше две солидни шанси, но изостана реализацијата во клучните моменти. Јужна Африка остана и со играч помалку во 115. минута, но издржа до пенал-рулетот. Нигерија имаше повеќе концентрација во ударите од белата точка, на сцена стапи и голманот Енвабили, а на крајот победата дојде по петтата серија, со конечни 4-2.