Фудбалската репрезентација на Аргентина ја оствари најубедливата победа во квалификациите за Светско првенство откако ноќеска ја прегази Боливија со 6-0 на Монументал.
Творец на триумфот беше најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси кој постигна три и беше асистент за уште два гола за светскиот шампион. Меси стрелаше во 19-та, 84-та и 86-та минута, а им овозможи и на Лаутаро Мартинез и Хулио Алварез да се запишат во листата на стрелците. Единствениот гол во кој директно не учествуваше супер ѕвездата на Интер Мајами беше петтиот кој го постигна Алмада, а му асистираше Молина. Ова беше и рекорден, десетти хет-трик на Меси за репрезентацијата.
Маестралната симфонија на Меси се случи ден пред одбележувањето на 20-годишнината од почетокот на неговата професионална кариера. Приказната почна на 16 октомври 2004 година кога дебитираше во првиот тим на Барселона, на дуелот против Еспањол на Монжуик. Оттогаш освои се што можеше да се освои во светот на фудбалот, а сега ја води Аргентина кон пласман на уште еден Мундијал на кој најверојатно, со 39 години, ќе ја заврши својата кариера.
Поради сето ова не чуди што натпреварот заврши со неколкуминутно скандирање за Меси од преполниот стадион Монументал. Аргентина е на само чекор од ново учество на Светско првенство каде ќа ја брани титулата освоена во Катар.