Угледниот шпански спортски весник „Марка“ го избра Лионел Меси за шампион меѓу шампионите, му додели уникатна награда за најуспешен фудбалер во историјата на фудбалот, лауреат кој вчера на свечена церемонија му беше доделен на Аргентинецот.

Признанието од медиумот кој во минатото постојано ги потенцираше фудбалските бројки на Кристијано Роналдо е само уште еден доказ дека Меси освои се што може да се освои во фудбалот, па и самиот посочи дека веќе нема ниту еден сон за остварување во интервјуто кое го направи за „Марка“.
– Не ми преостана ниту еден сон, остварив се што може да се оствари во фудбалот. Фала му на Бога, можам да кажам дека ги остварив сите мои соништа.

– Најголем сон ми беше да го освојам Светското првенство и го направив тоа пред две години. Освоив се и со клубот на мојот живот, Барселона. Исто така, освоив титули и со ПСЖ и сега победувам во Интер Мајами. Не можам да барам веќе ништо повеќе, – изјави Меси, кој не е сигурен дали ќе настапи на следното Светско првенство кое се игра во 2026-та година.

– Секој голем настан бара добро размислување, а се уште има уште многу до тоа. Мене сега цел ми е да уживам од ден во ден. Кога ќе дојде тој ден, и ако бидам активен, тогаш ќе видиме дали ќе играм. Не сакам да зборувам предвреме. Дај Боже да бидам на ова ниво, би играл само ако можам да им помогнам на соиграчите, – заврши Лео.