Се ближи крајот на сезоната во МЛС, а Лионел Меси влегува во фантастична форма.
Ноќеска Интер Мајами го совлада Њу Ингланд со 6-2, аргентинскиот ас влезе во игра во 58. минута и само половина час му беше доволен за да стигне до нов хет-трик, втор во период од четири дена. Во вторникот даде три гола за својата репрезентација во победата против Боливија со 6-0, а сега го направи истото и за Интер Мајами. Трите гола, Меси ги постигна во период од 11 минути.
Гостите поведоа со 2-0 на овој меч, преку Лангони и Бореро, но до крајот на полувремето се истакна уругваецот Луис Суарез кој го израмни резултатот. Во 58. минута во игра влезе Меси и веќе во првата акција учествуваше во голот на Кремаски за водство на Интер Мајами, а потоа тој самиот, од 78. до 89. минута уште три пати ја тресеше мрежата на противничкиот тим за својот прв хет-трик во дресот на Интер Мајами.
Иако не играше три месеци поради настапот на Копа Америка и поради повреда, Меси во моментов е втор стрелец во МЛС со 20 гола, и втор асистент со 17 додавања и сето тоа на само 19 одиграни натпревари. Интер Мајами одамна го обезбеди првото место по основниот дел од кој синоќа се одигра последното коло.