Шпанскиот фудбалски репрезентативец од Манчестер сити, Родри ја освои престижната награда „Златна топка“ која му беше доделена на церемонијата во Париз во организација на „Франс Фудбал“.

Познато беше пред една недела дека Родри ќе ја добие наградата, а тоа предизвика големо разочарување кај Винисиус Жуниор поради кој Реал Мадрид реши да ја бојкотира церемонијата и ниту еден член на екипата не се појави во Париз.

Шпанецот имаше неверојатна сезона со англискиот гигант Манчестер сити со кој ја освои Премиерлигата, а потоа со Шпанија го крена пехарот на Европското првенство.

Интересно е тоа што Родри стана прв Шпанец освојувач на „Златната топка“ по 1960 година кога таа му припаднала на Шпанецот Луис Суарез.