„Бјанконерите“ го решија прашањето околу победникот, без многу атракција во играта, но со сигурна одбрана и реализација на две од малкуте шанси кои ги создадоа. Во првото полувреме погоди Веа кој искористи една одбиена топка по соло-продорот и ударот на Камбијасо и го отвори резултатот. Точка на победата стави Јилдиз во 84. минута, повторно на додавање на Камбијасо кој беше асистент и за вториот гол.
По овој триумф Јувентус има 24 бода и останува единствена непоразена екипа во Серија А. Пред него се само Интер со ист број бодови и Наполи со бод повеќе, но овие две екипи се среќаваат утре во дербито на 12. коло по што ќе се знае кој од нив ќе замине на двонеделна пауза како лидер.
Следен предизвик за Јувентус ќе биде големото дерби со Милан на 23 ноември, додека Торино во наредното коло во Серија А на домашен терен ќе се судри со Монца.