Спортинг до овој натпревар имаше нереален настап во сите натпреварувања, десет последователни победи во домашната лига и десет од максималните 12 бода во Лигата на шампионите, што беше доволен мотив за Брага, каде што работеше новиот тренер на Манчестер Јунајтед пред да се пресели во Лисабон. Домаќинот со двата гола на Рикардо Хорта обезбеду убедливо водство во првиот дел и најави можен крај на серијата на Спортинг. Но, Морита во 58. минута го намали водството на Брага, а холандскиот играч за врска Хјулманд во 82. минута постигна одличен гол за израмнување. Седум минути подоцна, по прецизниот удар од далечина на Хардер, Спортинг направи целосен пресврт, а победата за збогување со поранешниот тренер ја потврди Тринкао во судиското надополнување.
Аморим требаше да почне со работа во таборот на „ѓаволите“, но тоа нема да се случи. Причина е доцнењето со процедурата за добивање работна виза, поради што Португалецот ќе почека неколку дена пред да се пресели во Англија. До тогаш, со фудбалерите на Јунајтед ќе продолжи да работи Руд ван Нистелрој.