Екипата на Барселона го претрпе првиот пораз на домашен терен Ла Лига, вкупно трет, откако загуби од Лас Палмас со 1-2. Ова е трет натпревар без триумф за каталонскиот тим кој влегува во резултатска криза.
Каталонците одиграа несигурно и слаб натпревар, а тоа Лас Палмас знаеше умешно да го казни.
Во првото полувреме, Барселона имаше повеќе од играта, но не успеа тоа да го материјализира, додека во второто полувреме гледавме супер-возбудлив и атрактивен фудбал.
Во првите 45 минути Фермин Лопез и Педри имаа убави шанси, Рафиња во финишот ја имаше најзрелата прилика за гол, но ја погоди само пречката од голот. Гостите од Канарските Острови веднаш по паузата ја искористија првата вистинска прилика и Сандро Рамирез со прецизен удар го совлада немоќниот Ињаки Пења и ги замолкна домашните фанови на трибините на Монжуик.
Барселона успеа експресно да изедначи и да се врати во игра. Бразилскиот напаѓач Рафиња кој игра во голема форма ја продолжи гол-серијата и со одличен удар од далечина израмни на 1-1. По голот на бразилскиот ас, Барса тргна во силна офанзива, дополнително се отвори, но наместо гол за водство, фудбалерите на Лас Палмас повторно ја казнија лошата поставеност на домашната одбрана па Силва го претрча дефанзивецот Форт и го совлада Пења за ново водство и голем триумф за Лас Палмас.
Во финишот се играше пред голот на Силесен и се редеа шансите за лидерот. Левандовски и Ламин Јамал не реализираа зицери, а холандскиот голман со пантерски скок го одбрани силниот шут на Рафиња од слободен удар. Лас Палмас е првиот тим кој освои бодови од Каталонија сезонава. Барса има само една победа од четири натпревари по победата во големото дерби против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ и може да ја загуби лидерската позиција на табелата.