Ракометарите на Еурофарм Пелистер се враќаат со реми од гостувањето во Лисабон откако беше  загубена топка во додавање во претпоследниот напад и тоа Спортинг го казни погодувајќи на празниот гол, па средбата финишираше со 27:27.

За само десет минути игра се виде каков би можел да биде епилогот на овој дуел. Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа контрола и водство од 6:3 .

Домашните, сепак, се вратија и израмнија на 8:8 во 17. минута, но потоа одбраната на пелистерци беше на едно повисоко ниво и донесе многу подобро продолжение на средбата. Еурофарм Пелистер одново ја врати контролата на резултатот и до крајот првото полувреме од натпреварот не дозволи да има проблеми околу водството.

На одмор се замина со два гола предност од 16:14, но лесно можеше да биде и плус три бидејќи Бабиќ го искористи вториот тајм-аут за акција која требаше да биде направена во последните седум секунди, но истата не беше реализирана.

 

Стартот на второто полувреме донесе најава за победа. Откако Спортинг намали на гол негатива, Еурофарм Пелистер одговори со водство од четири гола и 23:19 во 41. минута од натпреварот. Сепак, тука како да почна да е губи ритамот. Во следните десет минути не одеше сè така најдобро. Неколку акции не беа реализирани, па домашните почнаа да намалуваат.

Ракометарите на Спортинг казнија некоја акција кога немаше голман на голот, казнија и некоја грешка, а на сето тоа имаше и пречка, која доколку беше реализирана ќе донесеше плус два. Место тоа во 54. минута беше 25:25 и почна драмата во финишот.

Седумте минути без гол беа прекинати од Маналиниќ во 57. минута кога Еурофарм Пелистер одново дојде до водство, а потоа во следниот напад имаше пробивање од играчите на Спортинг.

Не беше ништо готово бидејќи Табоада доби две минути и речиси до крајот од средбата мораше да остане на клупата. Мандалиниќ после двата гола не реализираше удар, но потоа згрешија и од Спортинг. Сепак, се редеа грешки, па и Еурофарм Пелистер загуби топка при додавање и тоа беше казнето од домашните за 27:27. Немаше многу време за поправен и последниот шут заврши над голот, па двете екипи мораа да се задоволат со бод.