Големото градско дерби меѓу Евертон и Ливерпул е обоено во црвено. Ливерпул славеше со убедливи 4:1 на гостувањето кај својот лут градски ривал и остана во мртва трка со Челзи и Манчестер Сити за водечките места во Премиер лигата.
Момците на Јирген Клоп му покажаа на некогашниот тренер на „црвените“, Рафа Бенитез, кој е кој оваа сезона, откако уште за неполни 20 минути поведоа со 2:0 со головите на Хендерсон и Салах.
Евертон за момент се врати во игра преку Греј кој намали пред крајот на првиот дел на 1:2. Салах во 64. минута зголеми на 1:3, а конечните 1:4 беа дело на Жота во 79. минута.
Челзи минимално со 2:1 славеше на гостувањето кај Ватфорд и успеа да ја задржи предноста пред големите конкуренти за титулата Манчестер Сити и Ливерпул по денешните средби од 14. коло.
Мејсон Маунт успеа во 29. минута да им донесе радост на гостите за водство од 1:0. Домашните не се предадоа, напротив одиграа одличен меч и преку Денис во 43. минута обезбедија 1:1 по првиот дел.
Во второто полувреме со голот на Зијех, Челзи повторно поведе, што на крајот беше и конечен резултат на мечот.