Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ доколку сакаше да учествува на Австралија опен во 2022 година, требаше до денеска да се пријави.
Имено, сите тенисери кои се согласија да играат во Мелбурн, тоа требаше да им го потврдат на организаторите до 6 декември, шест недели пред почетокот на првиот Грен слем во сезоната.
Веќе е познато дека услов за влез во државата Викторија, каде се игра Грен слем во Мелбурн, е неопходниот доказ за вакцинација, поради што Новак се спротивстави и најави дека не е сигурен дали ќе учествува на турнирот.
Од тие причини се уште постои неизвесност дали Ноле ќе ја брани титулата на Австралија опен од 17 до 30 јануари, бидејќи досега ниту организаторот ниту српскиот тенисер не соопштија ништо конкретно.
“Ќе бидете информирани. Сега нема да ви одговорам. Ќе бидете информирани, тоа е се што можам да кажам. Нема да дадам датум. Австралија е блиску” тоа беше се што кажа Ѓоковиќ по мечот со Хрватска во Дејвис купот.
Пред тоа, неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ најави дека неговиот син нема да се согласи со уцените на организаторите и дека е поблиску до одлуката да не игра, а слично нешто потврди и Новак пред заминувањето на мастерсот во Париз. Тој изјави дека сака да игра на Австралија опен, но не му се допаѓа целата приказна за вакцинацијата и бројните правила и услови кои тенисерите мора да ги исполнуваат.
“Нема да го откријам мојот статус дали сум вакцинирана или не. Тоа е приватна работа.” – е ставот на Новак.
Нема долго да чекаме за официјална потврда дали деветкратниот шампион на Австралија опен ќе игра во Мелбурн и ќе се обиде да стигне до рекордниот 21. Грен слем во кариерата, со што дефинитивно би ги надминал Рафаел Надал и Роџер Федерер со кои во моментов е изедначен.
Можно е Новак веќе да се пријавил на турнирот, а подоцна да донесе одлука за учество, бидејќи може да се повлече доколку не сака да ги прифати правилата на турнирот во Мелбурн.