Станковиќ уште од летото е желба на Сампдорија, но легендарниот фудбалер на Ц. Звезда, Лацио и Интер остана во Белград и има договор до 2023 година, но во последно време неколкупати посочуваше на прес-конференциите дека работата во Ц. Звезда емоционално многу го исцрпува, а според последните информации, неодамна на раководството на клубот им соопштил дека сака да си замине, токму од таа причина – емоционална исцрпеност.
Засега не е познато дали одлуката за заминување на Станковиќ ќе се пролонгира барем за десетина дена, зашто Ц. Звезда има уште два меча во Суперлигата на Србија кои мора да ги победи за да го задржи чекорот со лидерот Партизан или после пресметката со Брага која решава за првото место во групата и директно осминафинале во Лига Европа ќе биде последен меч за српската легенда.
Сампдорија и нејзиниот прв човек Масимо Фереро по секоја цена го сакаат Станковиќ, а добрите настапи со белграѓани, две сезони во Лига Европа, титула и дури 12 победи во европските мечеви, плус што во 180 минити мината сезона не загуби од Милан се доволна препорака за Серија А. Сега останува да се види дали разделбата на Станковиќ и Ц. Звезда ќе биде веќе во петок или ќе се пролонгира за десет дена додека заврши есенската полусезона во Србија.