Еден Азар дојде во Реал Мадрид во летото 2019 год. како големо засилување .
Сепак, Белгиецот ни најмалку не ги исполни очекувањата, а според шпанските медиуми, мадридскиот тим по две и пол години сака да се ослободи од прескапиот играч.
Тој досега беше повеќе повреден отколку здрав во Реал Мадрид. Тој одигра само 54 натпревари на кои постигна пет гола и запиша девет асистенции.
„Марка“ пишува дека Азар би можел да игра дури и во втората лига во Белгија. Предводникот на втората белгиска лига Вестерло би сакал да го види во своите редови, а на таков расплет има причина да се надева и сопственикот на тој клуб Хасан Цетинкај.
“Јас и Еден сме пријатели. Кога играше за Лил, ми вети дека еден ден ќе игра за Фенербахче. Вестерло изгледа како потешка опција, но зошто да не ја заврши кариерата тука”, се прашува Четинкај.
Вестерло во моментов е убедливо прв на табелата во втората белгиска лига , а македонскиот интернационалец Ердон Даци настапува со голем успех и е прв стрелец на тимот со 8 постигнати гола .
Да потсетиме, Азар како млад ја започна својата кариера во Тубизе, Белгија, од каде во 2005 година замина во Лил. Таму остана до 2012 година кога му се приклучи на Челзи.
Тој е апсолутна легенда на сините, за кои одигра 352 натпревари, постигнувајќи 110 гола и 92 асистенции. Со овој тим двапати ја освои титулата во Англија, двапати Европската лига и еднаш Лига купот и ФА Купот.