Европскиот првак Челси не успеа да го совлада Зенит во Санкт Петербург (3-3) и го испушти првото место во групата Х од Лигата на шампионите. Англискиот тим губеше по првиот дел со 2-1, успеа да направи пресврт со головите на Ромелу Лукаку и на Тимо Вернер, но во судиското продолжение Зенит преку Александр Ерокин стигна до реми.
Вернер ја отвори серијата голови уште во втората минута, а Зенит пред крајот на првиот дел го изненади Челси со два гола што ги постигнаа Клаудињо и Азмун.
Јувентус даде еден гол против Малме уште во 18.минута, го постигна Моисе Кин, и потоа како да чекаше развојот на настаните во Русија. Не беа премногу мотивирани фудбалерите на Масимилијано Алегри за повеќе голови во мрежата на шведскиот првак. На крајот сепак го освоија првото место во групата.
Натпреварот беше малерозен за Ердал Ракип кој доживеа повреда во првото полувреме и мораше да го напушти теренот.