Во Лондон почна судењето на данскиот голфер Торбјорн Олесен (31), кој беше обвинет за сексуално злоставување на стјуардеса и жена на летот од САД до Лондон пред две години и за мокрење на седиште.
Британската полиција го уапси Олесен на 29 јули 2019 година под сомнение за сексуален напад на летот на Бритиш Ервејс, а на 6 август тој беше официјално обвинет. Данскиот играч на голф ги отфрли сите обвинувања, велејќи дека не се сеќава на ништо.
Сведоците го опишаа неговото однесување на летот од Нешвил до Лондон како „сосема бизарно“. Под дејство на алкохол, Олесен почнал да трча низ авионот, да го навредува кабинскиот екипаж, потоа да ја гушка и да се обиде да ја бакне стјуардесата, наводно фатил друга жена за градите, уринирал на седиштето, а потоа плачел пред да заспие на своето место во бизнис класата.
„Во текот на моите 27 години кариера, никогаш не сум видел нешто слично“, рече стјуардесата.
Олесен го негираше сексуалниот напад, велејќи дека никогаш „свесно“ не би ја ризикувал својата кариера со извршување на кривично дело. Тој додаде дека земал апчиња за спиење и не се сеќава на ништо.
„Се чувствував целосно ужасно и многу ми беше жал. Не можев да верувам што зборуваат, што се случи. Непријатно ми е и се чувствувам ужасно“, изјави 31-годишниот Олсен на судењето.
Данецот, кој освои пет турнири на „Европската турнеја“ во текот на својата кариера, загуби профитабилни спонзорски договори по инцидентот и падна од 50-то на 400-то место на ранг листата.