Неверојатно како го добивме шампионот!
Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои својата прва титула во кариерата, откако во последниот круг го престигна главниот ривал Луис Хамилтон.
Како што беше познато Хамилтон и Верстапен влегоа во последната трка сезонава со ист број бодови, победата му ја носеше шампионската круна на кој било од двајцата. Се беше во рацете на Луис Хамилтон до последниот круг, кога се случи нешто што влегува во историјата на овој спорт, што беше во режија на директорите на трката.
Ова е сезона за која дефинитивно ќе се зборува, а истото важи и за оваа трка. Макс Верстапен имаше пол-позиција, но катастрофалниот старт на трката го исфрли од лидерската позиција, што секако го искористи возач како Луис Хамилтон. Набргу потоа Верстапен нападна во кривина, беше агресивен и му го затвори преминот на Британецот, кој реши да ја пресече кривината и добивајќи предност продолжи да брза кон чистиот дел од патеката.
За сличен инцидент, Макс Верстапен на последната трка во Катар беше казнет со пет секунди, а општо познато е дека мора да се истражи секое излегување од патеката и стекнување предност на тој начин. Овојпат тоа не беше случај, управата на трката не реагираше и Хамилтон беше „поштеден“. Леташе на патеката, а помали потешкотии доживеа во 20-от круг кога се бореше со Серхио Перез откако претходно ја загуби лидерската позиција поради влегување во бокс да менува гуми. Мексиканецот во кокпитот на Ред Бул пружи извонреден отпор, обидувајќи се да го задржи Хамилтон за да го приближи Верстапен што е можно повеќе. Со своето исклучително возење го доведе Макс на една секунда во однос на најголемиот ривал, а Хамилтон со многу мака успеа да го претекне Латиноамериканецот.
Од тој момент до пет круга до крајот немаше драма. Се одеше по планот на Мерцедес и Луис Хамилтон, а потоа следеше инцидент! Возачот на Вилијамс, Николас Латифи, заврши во ѕидот, а безбедносното возило излезе на патеката. Тоа значеше дека Верстапен има бесплатно менување гуми, но не и Хамилтон, кој целосно збесна, што се слушна во разговорот со тимот.
Кога ќе се случи ваков инцидент, возилата кои се еден круг зад лидерот смеат да го надополнат кругот, но сега управата на трката уште еднаш покажа дека се хаотични во донесувањето одлуки. Не дозволија тоа да се случи, што е во спротивност со сите правила, па на еден круг пред крајот ја укинаа таа одлука и одлучија – последниот круг да го определи шампионот. Макс Версапен го престигна Луис Хамилтон, Мерцедес беснееше во микрофонот, беше лудо и по сите судиски одлуки, Холанѓанецот сепак славеше!
Правилата на оваа трка денес практично не постоеја. Најправедно би било шампионатот да се реши со црвени знамиња по инцидентот кога би се повторил стартот на трката, двајцата возачи би имале нови гуми и во последните пет круга без никакви скандалозни одлуки би го решиле шампионското прашање .
Макс Ферстапен со својата серија оваа сезона дефинитивно ја заслужи титулата, а истото може да се каже и за Луис Хамилтон. Тие двајца на љубителите на овој спорт им приредија историска битка во која Светската автомобилска организација фрли голема дамка.