Поминаа осум години од страшната несреќа што го снајде Михаел Шумахер на скијање на француските Алпи. Седумкратниот шампион во Формула 1 се спушташе по необележан дел од патеката во одморалиштето Мерибел и изгуби контрола, падна и удри со глава во карпа.
Тој веднаш по несреќата со хеликоптер бил пренесен во најблиската болница во критична состојба. Тој беше подложен на две операции, а потоа беше ставен во индуцирана кома за да се зачува што е можно повеќе од неговата мозочна функција. Во јуни 2014 година, Шумахер излезе од индуцирана кома, а неговата портпаролка потврди дека слуша и реагира на допир. Исто така, беше објавено дека Шумахер ја напушта болницата во Гренобл и продолжува со опоравувањето во својата куќа на Женевското езеро.
Семејството не сака да зборува за неговата состојба, па ова создаде многу шпекулации.
„Тој отсекогаш ја ценел приватноста и ние се стремиме да продолжиме да живееме како семејство, како што сакаше и сè уште сака Михаел. Правиме терапии со него и правиме се што можеме за да се чувствува подобро и удобно. Отсекогаш не штител, сега ние го штитиме него“, објасни неговата сопруга Корина.
Шумахер не зборува. Пјер Ферари, потпретседател на Ферари и син на легендарниот Енцо, потврди дека Шумахер не може да зборува.
Не е ни познато каде е 52-годишниот Шумахер. Некои тврдат дека е во Мајорка, други во Швајцарија, трет на ранч во САД… Се појавија информации и дека често под лажно име го носат на терапија во париската болница.
„Кога ќе го ставите во инвалидска количка и ќе се соочите со прекрасната панорама на планините со поглед на езерото, Михаел понекогаш плаче“, наводно изјавил член на семејството за France’s Paris Match.
Оваа година беше објавен документарен филм на Нетфликс за кариерата и животот на легендарниот возач. Не открива во каква состојба е денес.
„Од несреќата веќе ги немам оние моменти што многумина ги имаат со своите родители или барем јас ги имам помалку. Од моја перспектива тоа не е баш фер. Татко ми и јас би се разбирале поинаку бидејќи зборуваме сличен јазик, јазикот на мотоспортот. Најчесто мислам на тоа, колку би било кул да може да зборува. Би дал се само за да го имам тоа“, рече Мик, синот на Михаел кој дебитираше во Формула 1 оваа сезона.