Серхио Агуеро (33) летово пристигна од Сити во Барселона со надеж дека крајот на кариерата ќе го помине играјќи со својот голем пријател Лео Меси. Но, тоа не се случи.
Меси замина во ПСЖ во спектакуларен трансфер, а Агуеро дојде во клуб кој ги поминува можеби најтешките моменти во последните неколку децении. Кога пристигна на Камп Ноу се повреди, а потоа на 30 октомври за време на натпреварот против Алавес му се слоши на теренот и излезе поради проблеми со дишењето.
Тој беше префрлен во болница каде што беше потврдено дека има сериозни проблеми со срцето, а Барса најави дека ќе биде надвор од терените три месеци.
Марка, Мундо Депортиво и сите други шпански медиуми утринава објавија дека Серхио Агуеро се збогува од фудбалот поради здравствени причини, а во среда на Камп Ноу ќе се одржи проштална прес-конференција.
Голот за КПР ја одбележа неговата кариера
Серхио Агуеро беше еден од најдобрите напаѓачи на модерното време. Имаше одлична кариера. Започна во аргентинскиот Индепендиенте, а како тинејџер пристигна во Атлетико Мадрид во летото 2006 година. По пет сезони за 40 милиони евра се пресели во Манчестер Сити каде играше десет години.
Аргентинецот остави огромен белег на „Етихад“ и е најдобар стрелец во историјата на Сити со кој освои многу трофеи. Сепак, најмногу ќе се памети голот што го постигна на 13 мај 2012 година против КПР во последните секунди од натпреварот за 3: 2, кој му ја донесе титулата шампион на Сити.