На победникот на Ред Бул Макс Верстапен, во Париз и официјално му беше врачен трофејот на светскиот шампион во Формула 1.
Верстапен до титулата стигна во драматичната последна трка сезонава за Големата награда на Абу Даби, кога во последниот круг го престигна седумкратниот шампион Луис Хамилтон.
Луис Хамилтон не се појави на доделувањето во знак на протест поради одлуките на управата на трката, а првиот човек на Мерцедес, Тото Волф изјави дека постои можност Хамилтон да не се врати во Формула 1 шампионатот следната сезона.
Новиот шампион Верстапен смета дека Хамилтон ги има сите причини да продолжи да се натпреварува следната сезона и покрај незадоволството од исходот на последната трка од сезоната, објави Би-Би-Си.
„Можам да разберам дека не сте среќни во првите неколку дена по ваква трка, но треба да разберете и дека такви работи се случуваат“, изјави Верстапен.
Верстапен рече и дека Хамилтон треба да размисли што постигнал досега и што уште би можел да постигне во Формула 1.
„Борбата за осмата титула треба да го натера да продолжи да се бори, не гледам причина сега да се откаже“, изјави Холанѓанецот.
Верстапен истакна и дека Хамилтон ја освои титулата во слични околности, кога во 2008 година му ја „украде“ победата на возачот на Ферари, Фелипе Маса во последниот свиок, во последната трка.
„Не го жалам, иако разбирам дека боли. Но, на крајот на сличен начин стана шампион“, изјави Верстапен.
Следната сезона во Формула 1 започнува на 20 март со Големата награда на Бахреин.